Илиевска: Битола по 30 години конечно добива прифатилиште за бездомни животни, ќе се вика „Хачико“

После 30 години Битола конечно добива прифатилиште за бездомни животни кое ќе го носи името на најверното куче на светот – Хачико, информираше претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска на Фејсбук.

Вистинската приказна на Хачико е дел од јапонската култура како симбол на лојалност. Хачико било куче од расата Акита, кое по смртта на неговиот сопственик, секој ден во следните 10 години чекало на железничката станица во Токио, на местото каде тие двајца последен пат се разделиле.

„Токму оваа верност истрајност е потсетник за сите нас дека Битола цели 30 години чека прифатилиште за бездомни животни. 30 години, апсолутно ни една локална самоуправа не покренала никаква иницијатива за решавање на овој проблем. И после сите политички игри, ширење на хистерија, обвинувања и лаги, денес со гордост можам да кажам дека нашата верност кон вас, преточена од приказната на Хачико, станува реалност“, напиша Илиевска, која е дел од независната група советници „Поинаку“.

Таа посочува дека за 10 месеци биле обезбедени сите потребни предуслови за отворање на прифатилиштето, од локација, проект и дозвола за градба, до нарачани боксови и средства обезбедени во општинскиот буџет.

„И најважното за кое денес сме посебно горди, донација во вредност од 600 000 денари од Фондацијата Бибевски за изработка на ограда. (…) Со ова за краток период ќе завршат градежните работи за надворешниот дел од прифатилиштето и во рок од 30 дена очекуваме дозвола од Агенција за храна и ветеринарство. Дозвола која никогаш ја немала Битола. Наредна година со следниот буџет за 2023 година обезбедени 40 милиони за изградба на целиот објект“, вели Илиевска.