Идеи за био кожа добиена од комбуха и безглутенски печива победија на натпревар за млади социјални претприемачи

Здружението за социјални иновации АРНО ги додели наградите за младите социјални претприемачи од проектот RISE. Победници се Биохајд- тим кој ќе се занимава со производство на био кожа од чајот комбуха и Целилишус- тим кој ќе произведува безглутенски печива и ќе помага на лицата со целијакија.

Од АРНО информираат дека реку RISE програмата тимовите се наградени со паричен износ од 3.000 евра и понатамошно неформално образование, менторство и регионално вмрежување.

Во рамки на ова издание беше доделена и специјална награда за трет тим- Комбо (уметнички еко-колектив) за регионална мобилност, во вредност од 500 евра. Настанот се одржа во Фондот за иновации и технолошки развој, со учество на публика и јавни презентации.

„Ние во АРНО се радуваме што RISE има свои продолженија и е препознаено како програма за млади претприемачи, не само проект. На младите им треба поддршка, па така, АРНО е не само во улога на инкубатор, туку и поддржувач и конектор на сите верувачи во социјалното претприемништво. Многу квалитетни ментори, обучувачи, донатори, медиуми кои веруваат во младите луѓе се дел од оваа сложувалка. Навистина сме потребни сите за овие идеи да успеат и младите бар да се обидат да останат во оваа земја и да се реализираат преку социјални претпријатија“, изјави Марјан Ицоски, програмски менаџер во АРНО.

Одлуката за победниците ја донесе независното експертско жири составено од Добринка Стефанова – ПроКредит Банка, Игор Маџов – Стартап Македонија и Нест Груп, Владимир Ѓорѓевски – РИКО, Фисник Јусуфи – ФИТР, Александра Лопарска Илоска – Асоцијација Паблик.

Менторска поддршка за четвртата RISE генерација на млади социјални претприемачи дадоа: Катерина Златановска Попова, Јасмина Главинче, Натали Ристовска, Катерина Илијовска, Светлана Ѓоргон Боцевска, Димитар Јовевски, Симона Василева и Јана Клопчевска.

Во овогодинешното издание на RISE учествуваа 8 тимови со 24 членови од Скопје, Охрид, Битола и Кочани од кои 7 тимови презентираа пред жирито (BioHide, Celilicious, Creative Mind, TravelTales, Combo, TarshPinger и Vision for a better future).