Идеи за изработка на играчки од кабаст отпад и органско ѓубриво од отпад од кафе победија на наградите за социјални претпријатија

Идеите „Rebel“ за производство на играчки, сувенири и мебел добиени од кабаст отпад и „Coffe mates“, иницијатива за собирање отпад од кафе за производство на органско ѓубриво и прототипирање на рамки за очила, се победници на третата генерација на млади од проектот RISE (регионален инкубатор за социјални претприемачи) на вчерашниот настан во Центарот за социјални претпријатија во Скопје во организација на АРНО.

Овие две идеи, кои од експертската жири комисија беа прогласени за најуспешни ќе добијат по 2.500 евра и поддршка во менторство, обуки и вмрежување, за развој на нивните идеи во втората фаза на инкубација. Победничките тимови ќе добијат и поддршка од студиото за графички дизајн „Контура“ кое за двете социјални претпријатија доделува пакет на брендинг услуги.

„Честитки за сите! Имаме три RISE генерации на млади од нашата земја кои сакаат преку бизнис да решат проблем во нашето општество. Во времето во кое живееме, благодарни сме на овие 6 тима од генерацијата 2022/2023 кои покажуваат дека младите не се апатични, и дека социјалното претприемништво има иднина. Тука сме сите да помогнеме. И ментори, и колеги, и институции, и приватен сектор. Апелираме до сите за соработка. Овие два тима допрва ги чека работа во инкубациската фаза, а другите се надеваме ќе продолжат во рамки на други програми кои ги спроведува АРНО и други колеги“, изјави Марјан Ицоски, програмски менаџер во АРНО.

Во овогодинешното издание учествуваа 7 тимови со 21 член од Скопје, Неготино, Македонски Брод, Градско, Прилеп и Кичево, од кои 6 тимови презентираа пред жирито (Active Workplace, Coffee Mates, Grasp, Medical Musroom Garden, Natural Revolution, Rebel).

Фото: АРНО

Проектот RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), ГРУПА СОС Пулс, Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN),  и Француско-германската канцеларија за млади (ОФАЈ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО, Balkan Green Foundation, Nesto vise, Smart Kolektiv, IEC Tehnopolis и Yunus Social Business. Проектот RISE е кофинансиран од Француската агенција за развој (АФД) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) и Еразмус плус програмата. АРНО е избран локален инкубатор и национална структура која го спроведува 6 годишниот проект заедно со партнери од регионот.