И Велс ќе тестира четиридневна работна недела

Велс ќе биде најновата држава во светот која ќе започне со тестирање на четиридневна работна недела со цел да се промовира подобар баланс меѓу работата и животот и да се подигне продуктивноста.

Ова е заклучокот од извештајот на министерката за идни генерации на Велс, Софи Хоу, која додава дека со влијанието на КОВИД-19 врз работата и менталното здравје сега е одлично време да се проба поинаков начин на вршење на работните задачи.

„Работните часови се немаат променето во последните 100 години и време е за дебата за тоа дали треба да се променат сега. Имаме некои големи предизвици во иднина, како ќе се грижиме за популацијата која старее, како ќе се справиме со проблемите кои ги гледаме во менталното здравје и мислам дека ова ќе биде дел од таа дискусија за потенцијалното решение“, рекла таа за Еуроњуз.

Извештајот ја повикува владата на Велс да започне со тестирање на работна недела од четири дена без намалување на платите во целиот јавен сектор. Администрацијата сочинува околу четвртина од сите вработени во најголем дел од Велс. Во извештајот се посочува дека се регистрираат повисоки нивоа на отсуство од работа, најчесто поради стрес, преработеност и нарушено ментално здравје.

Во документот се повикува и приватниот сектор да учествува во овој тест, преку соработка со синдикалните организации кои треба да помогнат во преговорите за помалку работни часови во повеќе различни индустрии.

Се проценува дека ова тестирање на целата јавна администрација во земјата ќе чини 1 милијарда фунти, речиси 2,5 проценти од велшкиот буџет и 0,1 процент од буџетот на Велика Британија.

Анкетите, кои биле специјално направени за извештајот, покажале дека јавноста ќе го прифати ова скратено работно време. 57% од испитаниците изјавиле дека ја поддржуваат оваа идеја додека 17% биле против.

Идејата за четиринеделна работна недела стана актуелна последниве неколку години. Лани шпанската влада прифати тестирање на ваквиот процес на работа, додека во 2020 година премиерката на Нов Зеланд, Жаклинда Ардерн изјави дека ваквиот концепт може да помогне на земјата да се опорави од пандемијата.

Во 2015 и 2017 година беа спроведени две пилотирања на намалено работно време помеѓу јавната администрација во Исланд, каде резултатите покажаа дека четиридневната работна недела помага работниците да чувствуваат помалку стрес и превработеност, додека продуктивноста останала на исто ниво, или дури и се зголемила.

Искуството во Исланд истражувачите го карактеризираа како голем успех. Ова водеше кон нов колективен договор кој го потпишаа синдикатите со стопанската комора во земјата со која е оставена можност за пошироко намалување на работната недела.