„Рамо до рамо со работниците“ – Синдикатите на протест на 12 декември во 12:12 часот

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави дека на 12 декември, со почеток во 12 часот и 12 минути во Скопје организираат протест со цел за заштита на економските и социјалните права на своите членови  и на сите работници од работниот однос.

Од ССМ велат дека поттикнати од актуелната општествено економска социјална состојба, недостатокот на слух од страна на државните институции за нивните поднесени барања, тие на протестот ќе побараат исполнување на следниве барања:

  1. Усвојување на измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кои се прогласува недела за ден на неделен одмор согласно договореното на Економскиот – социјален Совет по пат на социјален дијалог .
  2. Измена и дополнување на Законот за минимална плата со која ќе се спречи минималната плата да изнесува под 60% од просечната плата, односно истата да се зголеми најмалку на 18.000 денари и да се предвиди решение со кое и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата.
  3. Потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор.
  4. Потпишување на Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството

Протестот ќе започне пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија во Скопје, а учесниците ќе се движат кон Собранието на Република Северна Македонија, каде што ќе бидат упатени барањата на работниците, а потоа ќе продолжи кон седиштето на Организацијата на работодавачи на Македонија и Стопанската комора на Македонија, каде исто така ќе бидат упатени барањата од протестот.

„Во наредниот период, а во зависност од резултатите и брзината на преговорите помеѓу ССМ, Собранието, работодавачите и Владата, ССМ ќе повика на генерален штрајк кој ќе продолжи преку изразување на разни форми на изразување на работничкото незадоволство и синдикален притисок, на начин определен од страна на штрајкувачки одбор. Се обраќаме до сите работници и граѓани (пензионери, стечајни работници, невработени, студенти) на оваа држава кои се засегнати од сите овие прашања, како и други прашања во врска со нивната егзистенцијална положба, да ни се придружат и да ни дадат поддршка, односно безрезервно да ни се приклучат во сите активности што на овој план ќе ги преземеме во наредниот период зошто колку сме побројни толку сме посилни и погласни за обезбедување на нашите права“, додаваат од ССМ.