Исланд презадоволни од тестирањето четиридневна работна недела

Истражување во Исланд покажало голем успех на четиридневната работна недела, а податоците укажале и дека работењето помалку часови за иста плата води кон подобра благосостојба кај работниците без загуба на продуктивноста.

Овие податоци следуваат откако беа објавени резултатите од две тестирања направени во периодот од 2015 до 2019 година на четиридневна работна недела во кое учествувале 2.500 работници, односно околу 1% од работната сила на остворската држава. Во истражувањето биле вклучени различни работни места, од градинки и бизниси, до служби за социјална помош и болници. Според научниците продуктивноста на мнозинството работни места или останала иста или се покачила.

Најголемиот дел од нив преминале од 40-часовна работна недела на 35 до 36 работни часа неделно.

Истражувањата придонеле синдикатите да преговараат за промена на работните практики и сега 86% од работната сила на Исланд е префрлена на помали работни часови за иста плата, или пак добиле право на такво нешто.

Според истражувањето, работниците изјавувале дека чувствуваат помалку стрес од работен замор, а пријавиле и дека се подобрило нивното здравје и балансот меѓу работата и приватниот живот. Тие исто така поминувале повеќе време со нивните семејства, вршеле повеќе работи во домаќинството и посветувале повеќе време на своите хобиа.

„Оваа студија покажа дека најдолемото тестирање на пократката работна недела во светот во јавниот сектор по сите параметри беше огромен успех. Покажува дека јавниот сектор може да биде предводник на пократката работна недела, а оваа лекција може да послужи и на други влади низ светот“, вели Вил Стронџ, директорот за истражување на „Аутономи“, една од организациите која го спроведуваше истражувањето.

Во светот во тек се слични истражувања во Шпанија и Нов Зеланд.