Хорскиот спектакл „VIVA VOX” ќе настапи на „Мајски оперски вечери“

Хорскиот спектакл „VIVA VOX”, познат по изведбите на светски познати хитови во акапела и битбокс стил, на 14 мај ќе настапат на големата сцена на МОБ, во рамки на „Мајските оперски вечери 2016“.

Предводени од својата учителка и диригент Јасмина Лорин, хорската атракција, составена од средношколци ги освојува светските музички сцени. Успесите кои ги бележат се многубројно, но „VIVA VOX” како најзначаен ги издвојува настапите во концертната сала на Обединетите Нации и во Пекинг, во концертната сала на Народното Собрание. Во 2015 година, ја заокружуваат првата десетка од нивното постоење, со спектакуларен настап во Белград каде ќе ги промовираат нивниот прв албум и видео.

Мајските оперски вечери се најзначајната манифестација од областа на оперската уметност, а за оваа година организаторите најавија зголемен број претстави. Свеченото отворање на 9 мај ќе се случи со премиерата на „Евгениј Онегин“ од Чајковски, во режија на Дејан Пројковски.

Годинава во Скопје премиерно ќе се организираат, а со цел да прераснат во традиција и „Мали мајски оперски вечери“ наменети за најмладата публика.

Погледнете ја програмата што МОБ ја објави за 44-то издание на „Мајските оперски вечери 2016“.