Холандија наскоро им става крај на огнометите

Холандскиот парламент неодамна изгласа забрана за огномети. Купувањето, продажбата и користењето на пиротехнички производи со среден и висок ризик ќе бидат забранети, а мерката треба да почне да се реализира од новогодишната ноќ 2026–2027 година.

Забраната за огномети ќе биде резултат на две причини. Од една страна, постои желбата – поддржана од многумина – да се заштитат животните од сите видови, кучиња, коњи и од дивата фауна од огнометите, а од друга страна, постои потребата да се заштити мирот во заедниците, како и да се запре здравствената криза што секоја година доаѓа со многу висока цена.

Имено, минатата година во Холандија, поради пожари, имаше две жртви, а 1.162 лица мораа да посетат итна помош поради повреди, од кои дел беа сериозни. Беа уапсени 200 лица, а штетата изнесуваше 16 милиони евра.

Огнометите во Холандија станаа и економска тема, со тоа што забраната нема да важи за прославата на оваа Нова година за да не се нанесе „инстант економски шок“ за производителите и продавачите на огномети и притоа тие да бараат надомест од 895 милиони евра. Сега, тие ќе имаат цела година да ги преиспитаат своите производни понуди, а износот од кој сè уште ќе имаат корист е намален на 50 милиони евра.

Ваквиот развој на настаните донесе и друга ситуација. Од холандските медиуми доаѓаат информации дека 105 холандски општини се подготвуваат за повеќе огномети и, оттука, повеќе проблеми за оваа Нова година, пренесе NU.nl по спроведена анкета.

Општините очекуваат љубителите на огномети да „извлечат максимум“, бидејќи националната забрана за огномети ќе стапи во сила следната година.

„Очекуваме дека некои жители ќе сакаат да ја искористат оваа последна можност да направат сè што можат, што може да доведе до повеќе пријави за вознемирување, штета или опасни ситуации“, изјавиле за медиумот.

BuitenBeter, апликација каде што луѓето можат да пријават вознемирување од огномети, исто така забележала раст на поплаките. „Од есенскиот распуст досега имаме примено 9.000 поплаки за вознемирување од огномети“, изјави Хан Бејкерс од BuitenBeter за NU.nl.

Минатата година апликацијата примила вкупно 14.000 пријави поврзани со огномети. „Бидејќи најголемиот број пријави доаѓа во декември, очекуваме годинава да достигнат 20.000“.

Продавачите на огномети исто така пријавуваат пораст на продажбата. Поради ова, многу општини преземаат дополнителни мерки за да обезбедат побезбедна прослава на Новата година. Покрај засиленото полициско присуство и контроли, општините организираат информативни сесии во училиштата, идентификуваат ризични локации и испраќаат предупредувачки писма до претходни прекршители. Некои организираат и алтернативна забава за младите за време на новогодишната ноќ, со надеж дека ќе ги одвратат од огномети.

Полицијата, исто така, се подготвува за „можеби најтурбулентната новогодишна ноќ“.

Инаку, меѓу земјите од ЕУ кои гледаат на огнометите како на акт на насилство врз животните и луѓето и вовеле регулативи во однос на нив, се и Белгија и Германија, каде веќе неколку години важат многу строги правила за повеќе типови огномет. Во Велика Британија и Ирска огнометите се забранети, а регулативите се особено строги во земјата на детелината.

Во Холандија, според досегашните извештаи, само професионалци во строго контролирани прилики ќе смеат да користат одреден огномет од категориите Ф2, Ф3 и Ф4.