Во Данска расте продажбата на „тивки“ огномети за кучињата да не се вознемируваат на новогодишната ноќ

Низ Европа овој викенд новогодишната ноќ ќе се дочека со традиционални огномети. И, иако огнометите може да предизвикаат радост и да го подигнат расположението на луѓето, тие истовремено се причина за стрес на сопствениците на кучиња.

Според Кенел клубот од Велика Британија, секое трето куче има страв од огномет, но некои сопственици веќе започнаа да експериментираат со таканаречени „тивки“ огномети со цел да го надминат овој проблем.

Кенет Маркант, сопственик на куче од Данска, заедно со група на други сопственици на домашни миленици направија тестови со цел да увидат дали „тивките“ огномети предизвикуваат вознемиреност кај нивните кучиња.

„Тој е малку уплашено куче, па се надеваме дека денеска ќе му биде подобро отколку минатиот пат кога правевме огномет“, вели Маркарт.

По експериментот, кучињата или биле љубопитни, или воопшто не реагирале на светлечкото шоу.

Во Данска продажбата на ваквите „тивки“ огномети оваа година пораснала за 30% во споредба со лани.

Како што укажува нивното име, овие огномети се потивки бидејќи имаат многу помалку експлозивен прашок, хемикалијата која ги произведува препознатливите звуци на огнометот. Истовремено кај овие видови огномети поизразени се светлосните ефекти, со цел да се надомести за недостатокот на звук.