Хелсиншки комитет: Институциите итно да им помогнат на граѓаните кои претрпеа штета од пожарите

Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска реагираше дека во моментов е потребно итна и неодложна заштита на луѓето кои се најпогодени од огнената стихија. Поради тоа, како што велат, центрите за социјална работа во областите погодени од пожарите не треба да чекаат барања на граѓаните за да постапуваат, имајќи предвид дека не сите ги знаат правата за материјален надомест во случај на катастрофи.

„Министерството за труд и социјална политика, во соработка со општините, треба да им пружи неопходна финансиска и психосоцијална поддршка на најзагрозените. Државата треба да ги стави на располагање своите сместувачки капацитети, за навремено да се згрижат лицата чии живеалишта се опожарени или кои се во непосредна близина на пожарите. Исто така, исплатата на соодветен надомест за санирање на штетите врз објектите и посевите мора да биде навремена“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Истовремено тие апелираат до надлежните институции да се засилат контролите во шумите на целата територија на државата, додека за лицата кои ќе се докаже дека подметнале пожар да одговараат за своите кривични дела.

„Оттука, апелираме до Основното јавно обвинителството итно и транспарентно да постапи во случаите каде што веќе има осомничени. Хелсиншкиот комитет за човекови права месецов ќе даде посебен приоритет на бесплатната правна помош за лицата кои на директен или индиректен начин трпат имотна и друга лична штета од пожарите. Нашите правни советници се на располагање за секој граѓанин којшто има потреба од правна помош и советување, на телефонските броеви 02 3119 073, 072 278 436, 0800 44 222 и на helkom@mhc.org.mk“, додаваат оттаму.

Исто така, тие укажуваат на потребата од темелна реорганизација на службите во наредниот период поради, како што велат, ограничените технички и човечки капацитети на шумските инспекции и противпожарните служби, за чие раководење и надзор одговорноста ја делат општините, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и ЈУ Национални шуми.