Во пожарите изгореле 442.074 метри кубни дрвна маса – укината забраната за движење во шуми

Заклучно до 15 август, во пожарите низ земјава се зафатени 9.907 хектари, односно 8.803 хектари површина отпаѓаат на шуми или завршиле во шуми, при што изгореле 442.074 метри кубни дрвна маса, според извештајот на ЈП Национални шуми.

Владата на вчерашната 101. седница, го задолжи претпријатието да донесе програма за пошумување со план за активности уште оваа есен.

„Дополнително, Владата го задолжи ова јавно претпријатие целокупната количина опожарена дрвна маса како последица од пожарите да остане во сопственост и со неа целосно да стопанисува ЈП Национални шуми“, се додава во соопштението од Владата.

Истовремено, Владата донесе и одлука за укинување на забраната за движење во шуми и шумски предели и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да спроведуваат засилени контроли за заштита и спречување пожари на отворено.