Во јули регистрирани најмногу пожари во светот, откако сателитски се следи од 2003 година

Научниците велат дека во јули годинава се регистрирани најмногу пожари, откако започна да се следи овој феномен преку сателит во 2003 година, додека во меѓувреме пожари беснеат во Северна Америка, Сибир, Африка и Јужна Европа, пренесува „Н1“.

Поради екстремните температури, долготрајната суша и палењето на шумите, испуштени се 343 мегатони јаглерод диоксид, односно приближно една петтина од претходното највисоко ниво за јули, кое беше забележано во 2014 година.

Научникот од Европската програма Коперник за следење на земјата од вселената, Марк Парингтон рече дека ова претставува „значајно отстапување“.

Пожарите во текот на ова лето се само последни во низата непожелни феномени во последно време што „ги нагласуваат катастрофалните ефекти од глобалното затоплување предизвикано од луѓето“.

Повеќе од половина од јаглеродот доаѓа од два региони каде што е забележано невообичаено топло и суво време – Северна Америка и Сибир. Во Западна Канада и САД, шумските пожари беа придружени со долготрајна и интензивна топлина, а во Сибир, голем дел од тајгата во Република Саха беше зафатена од пламен и облаци со отровен чад кои се ширеа се до Северниот пол.

Овие феномени се шират на источниот и централниот Медитеран, каде што многу земји се соочуваат со невообичаено жесток почеток на сезоната на пожари.