ОБСЕ и Аделфи: Регионална соработка во Југоисточна Европа за да се решат безбедносните ризици од климата

Климатските промени се мултипликатор на ризик и влијаат на економиите, животната средина и општествата во Југоисточна Европа на сложени начини, се вели во извештајот објавен денес од ОБСЕ и берлинскиот истражувачки и аналитички центар „Аделфи“.

Извештајот, Регионална проценка за Југоисточна Европа: Безбедносни импликации од климатските промени, кој идентификува ризици, жаришта, заеднички предизвици и можности за соработка, ги презентира резултатите од обемните консултации за климатските промени и безбедноста во регионот на ОБСЕ. Овие консултации вклучуваат серија работилници и истражувања и во нив учествуваа над 80 претставници на владини тела, граѓански организации, академската фела од Југоисточна Европа и регионални и меѓународни организации.

Климатските промени се забрзуваат на глобално ниво и ефектите се чувствуваат низ Југоисточна Европа со зголемена фреквенција и интензитет на топлотни бранови, суши, поплави и пожари.

Во извештајот се наведени седум групи ризици кои се особено релевантни во однос на регионалната безбедност и стабилност, вклучително и земјоделството, туризмот, енергетиката, здравјето и шумите. Исто така, извештајот дефинира седум специфични географски жаришта, како што се заеднички речни сливови и заеднички планински екосистеми, и два важни предизвика заеднички за целиот регион: загадувањето на воздухот и миграцијата.

Пред сè, извештајот нагласува неколку можности за регионална соработка што треба да се искористат за да се решат безбедносните ризици поврзани со климата.

Лансирањето на извештајот се совпаѓа со Денот на планетата Земја и петтата годишнина од потпишувањето на Парискиот договор.

Насловна фотографија од извештајот

„Климатските промени се едно од најважните прашања во нашето време во политичката, економската, социјалната и еколошката сфера. Исто така можат да се појават како безбедносно прашање кога се во интеракција со други притисоци како што се нееднаков економски развој, социјална нееднаквост и ограничувања на ресурсите. Овие предизвици можат да се решат само преку мултилатерален и кооперативен пристап“, рече генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид. „Во Југоисточна Европа, веќе постигнавме напредок со мапирање на споделени потенцијални ризици и дефинирање на заеднички решенија“.

Уште во 1975 година, Завршниот акт од Хелсинки ја призна потребата за соработка за климатските промени како дел од сеопфатниот пристап на ОБСЕ кон мирот и безбедноста.

Вук Жугиќ, координатор на економските и еколошките активности на ОБСЕ, рече дека консултативните процеси како овој се од голема важност за решавање на различните влијанија на климатските промени во областа на ОБСЕ. „Благодарни сме на сите учесници во овој регионален процес на консултации. Голем дел од учесниците беа жени кои ја поставија сцената за климатска истрајност во регионот. Во нашите следни чекори, потребен ни е силен ангажман на жени и мажи, вклучително и на млади за развој и спроведување на мерките за соработка што дополнително ќе придонесат за безбедноста и стабилноста во регионот“, рече Жугиќ.

Овој извештај е дел од проектот на ОБСЕ „Зајакнување на одговорите на безбедносните ризици од климатските промени во Југоисточна Европа, Источна Европа, Јужен Кавказ и Централна Азија“, финансиран од Андора, Австрија, Чешка, Германија, Италија, Лихтенштајн, Луксембург и Норвешка.