Грицко повторно ја активира акцијата „Храна, а не оружје“

Небојша Додевски – Грицко во недела (20 мај) повторно најавува нова акција „Храна, а не оружје“ (Food not Bombs) на плоштадот „Македонија“.

Се работи за движење кое готви оброци за граѓаните кои имаат потреба од храна за себе и своето семејство. Активисти обично набавуваат намирници од пазар, ги готват и потоа бесплатно ги делат на гладните, со цел да се упати порака  – борба со храна против оружјето.

„Имам желба да почнам пак со ‘Food not Bombs’. Немам изговор, зашто да не, без разлика на мојата здравствена ситуација, ако не готвење може и овошје. Само сепак би сакал да дојде некој да ме поддржи и помогне, се надевам ќе има такви се гледаме во недела на плоштад кај Гемиџиите“, повикува Грицко, кој е активист, хуманитарец и добро познат лик низ андеграунд сцената.

Небојша Додевски – Грицко

Инаку, како движење Food not Bombs е основано во 1980 година. Преставува практичен протест против енормното трошење пари за воени потреби, додека секој ден се повеќе и повеќе луѓе умираат од глад. Сржта на движењето е да се нахранат гладните, притоа залагање за ненасилство, вегетаријанство, рециклирање храна, како и одлучување со консензус.

„Ако владите и корпорациите ширум светот трошат подеднакво пари и енергија да ги прехранат луѓето како што се трошат на војни, никој не би бил гладен. На светот има доволно храна за сите, но колку од таа беспотребно се фрла како директна последица на капитализмот и потрошувачкото општество. Вегетаријанската храна воедно е здрава и ненасилна“, стојат како пораки од движењето.