Добротворен настан „Сите за Грицко“ на 16 март во МКЦ бифе

„Сите за Грицко“ е добротворна забава во организација на Фоундрејзер Брат за Брат, со цел собирање средства за нормален живот на Небојша Додевски Грицко.

Настанот ќе се случи на 16.03. во бифето на МКЦ и замислено е да трае од 16:20 до 24:02.

Организаторите веќе повикаа музичари што се заинтересирани да помогнат и директно се вклучат или во музичката програма, или да донесат свој мерџ (ЦД-а, плочи, маици, прешивачи и др.), кои посетителите би можеле да ги купат и тие средства да допринесат за стабилен, достоен и нормален живот за Грицко.

За настанот се пријавија и ќе настапуваат Јана Гигова, Димиш, Д.С.Ш., Тотално Опуштање, Јаме Знаме, Катран, Сара Џи, Катран, Бибич, Сватовски, Ликвид Илужн, Демонијак Инсомнијак, Кацар, Каил, Брука и Жолтман.

Инаку, Грицко веќе подолго време има здравствени проблеми. Тој е култен скопски лик, особено во круговите на независната андерграунд сцена. Луѓето го знаат и како човекот што долго време ја тераше акцијата „Храна, а не оружје“, која обично се одвиваше на скопскиот плоштад, со цел да потсети дека храната е право на секој, а не привилегија.