Грција е првата православна земја која ги легализира истополовите бракови

Грција стана првата земја со мнозински дел православно население која ги легализираше истополовите бракови, пренесува Данас.

Оваа одлука на грчките власти значи дека отсега на истополовите парови ќе им биде дозволено и да посвојуваат деца.

„Луѓето кои беа невидливи околу нас конечно ќе станат видливи, а со нив многу деца конечно ќе си го пронајдат вистинското место“, истакна грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во текот на парламентарната дебата.

Мицотакис се залагаше за предлог-законот, но му беше потребна поддршка од опозицијата за да го собере парламентарното мнозинство. Дополнително, проблем беше што и министрите од неговата владејачка централно-десничарска партија се спротивставија на усвојувањето на законот.

По гласањето, тој рече дека новиот закон „храбро стави крај на сериозната нееднаквост“.

Сепак, оваа одлука не беше донесена без отпор на дел од јавноста. Законот ја подели земјата, а жесток отпор предводи грчката православна црква.

Инаку, веќе 20 земји во Европа ги озаконија истополовите бракови, но одлуката на Грција да им се придружи преставува преседан, посебно затоа што е прва православна држава која се одлучила на овој чекор.