Грчката полиција ги пренесува мигрантите во нов камп на Лезбос

Грчката полиција започна со операција за пренесување на илјадници мигранти и бегалци во нов камп на Лезбос, откако кампот Морија изгоре во пожар, пренесува српски „Н1“.

Во операцијата утринава учествуваат и 70 жени полицајци, а засега нема информација за било какви инциденти.

Кампот Морија кој беше најголем во Европа изгоре минатата недела, оставајќи околу 12.000 мигранти без покрив над главата. Полицијата соопшти дека пожарот бил предизвикан од група мигранти незадоволни од ограничувањата наметнати поради коронавирусот. Огромно мнозинство мигранти од кампот останаа на островот, а луѓето спиеја покрај патиштата, во импровизирани засолништа.

Новиот камп се состои од големи шатори и може да прими околу 8.000 луѓе, а во него досега влегле околу 1.100 мигранти. Сите се тестираат, се регистрираат, а потоа им се одредува шатор.

„Ова е операција за заштита на јавното здравје со јасна хуманитарна компонента“, се вели во соопштението на полицијата.

Полицијата досега уапси шест Авганистанци, вклучително и двајца малолетници под сомнение дека предизвикале пожар во кампот. Пожарот избувна по наредба за изолација на 35 случаи на лица заразени со коронавирусот.

Мигрантите на Лезбос ја поминаа ноќта на отворено по пожарот кој го уништи кампот Морија