Мигрантите на Лезбос ја поминаа ноќта на отворено по пожарот кој го уништи кампот Морија

Илјадници мигранти ја поминаа ноќта на отворено на грчкиот остров Лезбос по големиот пожар кој целосно го уништи нивниот импровизиран камп, пренесува српски „Н1“.

Грчките власти утринава со три чартер-летови на копно пренесоа 400 деца и тинејџери без придружба. Голем број на луѓе останаа на Лезбос без никакво засолниште. Семејства спиеја покрај патиштата, на паркинзи од супермаркетите и на полињата ширум островот.

Во кампот Морија каде пред две ноќи се случи пожарот живееја околу 12.500 луѓе. Полицијата доби засилување за да ги спречи мигрантите да стигнат до главниот град на островот, Митилена.

Грчкото Министерство за миграција соопшти дека ќе ги преземе „сите неопходни чекори“ за да обезбеди засолниште за ранливите групи и семејства, додавајќи дека очекуваат отпор од локалното население.

Властите претходно веќе наидоа на противење од жителите на Лезбос кога беше објавен планот за кампот Морија да биде заменет со прифатен центар од затворен тип. Граѓаните стравуваат дека на тој начин, илјадници азиланти трајно ќе останат на островот.

Пожар го проголта најголемот грчки камп за бегалци на островот Лезбос