Граѓани со петиција бараат Гази Баба да го прекинe јавниот повик за изградба на тешка индустрија

Барање за итно запирање на постапката за издавање под долгорочен закуп на земјиште во округот на скопската железарница МЗТ, каде е дозволена изградба на објект од тешката индустрија, упатија група граѓани до Општина Гази Баба. Барањето е поткрепено и со 371 потписи кои во изминатава недела беа собирани на терен, од луѓето кои се револтирани од она што треба да никне во близина на нивните домови.

Луѓето од Гази Баба и Скопје се револтирани поради тоа што иако со години дишат канцероген и презагаден воздух, властите наместо да преземаат драстични мерки за подобрување на животната средина и правото на чист воздух, среде Скопје дозволуваат изградба на тешка индустрија.

„ Бараме ИТНО запирање на постапката за издавање на просторот опфатен со Детален урбанистички план за Градска четврт „С 17“ Блок 1, Општина Гази Баба („Службен гласник на Општина Гази Баба “ бр. 3/2017), преку преиспитување и поништување на Одлуката за распишување на јавен оглас за јавно наддавање заради издавање под закуп на истиот и преиспитување и измена на Детален урбанистички план за Градска четврт „С 17“ Блок 1, Општина Гази Баба („Службен гласник на Општина Гази Баба “ бр. 3/2017) на начин што ќе се тргне дозволата за градба на Г1 индустриски капацитети, односно ќе се дозволи намена од Д1, Д2, Д3 и Д4 кои се однесуваат на јавно и заштитно зеленило.

Исто така, со цел барем малку да се ублажат веќе постоечките штетни последици од загадениот воздух, бараме решенија со кои ќе се овозможи струење на воздухот и негово прочистување така што овој простор да се претвори во парк кој ќе го ублажи штетното влијание од индустријата која веќе постои во тој комплекс согласно компатибилна намена од Д1, Д2, Д3 и Д4…“ стои во барањето.

Подносителите на барањето укажуваат дека Македонија како земја која е проевропски насочена и аспирира кон европското семејство, треба да ги следи стандардите на Европската Унија и нејзините членки и кога станува збор за заштитата на здравата животна средина.

Без никакви најави и подетална дебата во јавноста, скопската општина Гази Баба го објави огласот за давање под долготраен закуп на 99 години на градежно земјиште сопственост на Република Македонија што се наоѓа во склоп на скопската железарница. Станува збор за огласена парцела со површина од 66.996 метри квадратни и со предвидена површина за градење од 46.897 метри квадратни. На парцелата 1.6 ќе се гради објект од тешката и загадувачка индустрија со максимална развиена површина од 70.346 метри квадратни, којшто ќе има компатибилни класи на намена Д1, Д2, Б4, В2, Г2, Г3 и Г4 до 49% од вкупната површина на идниот објект. Во огласот објавен од општинските власти на ниту едно место не се напоменува кои еколошки критериуми треба да ги задоволи идниот објект од тешката и загадувачка индустрија.

Градоначалникот пак тврдеше дека иако има можност, во округот на МЗТ нема да се гради објект од тешка индустрија.

Наместо решение против тешка индустрија, дебатата во Гази Баба донесе јавни обвинувања