Наместо решение против тешка индустрија, дебатата во Гази Баба донесе јавни обвинувања  

О2 Иницијатива со своја претставничка-активистка присуствуваше на дебата во општина Гази Баба, од која произлегоа јавни обвинувања, а самиот собир беше потегнат од граѓанските организации и иницијативи за пошироко да се дискутира за повлекување на огласот со кој во период од 99 години ќе биде дадено земјиште на користење за тешка индустрија.

Активистката од О2 Иницијатива вели дека од градоначалникот на Гази Баба, Борис Трајковски добила „Затворете ја веќе устата“. Дополнително, иницијативата тврди дека кај првиот човек на општината не постои ниту желба, ниту намера за конструктивна дебата и наоѓање заедничко решение.

„Во текот на вчерашната дебата, тој ја потврди намерата да го спроведе јавниот повик и јавното наддавање закажано за 7 декември, доколку има пријавени заинтересирани компании до 5 декември. Градоначалникот не беше заинтересиран ниту за аргументи, ниту за законските пропусти кои неговата општина ги направила при донесување на ДУП-от во чии рамки е градеженото земјиште кое сака да го издаде на 99 години, и за кои пропусти поднесовме иницијатива пред Уставниот суд“, реагираат од 02  Коалиција.

Од таму потенцираат дека со исклучок на само еден советник од редовите на СДСМ, кој не дискутирал за темата, туку, велат тие, ги нафрлал сите други проекти и активности во кои О2 Иницијатива се вклучени, темата за тешка и загадувачка индустрија предизвикала интерес кај останатите советници, па дебатата трала цели три часа.

„Земјиштето ќе се даде на користење на една компанија на 99 години, период во кој, разбирливо, не постојат никакви гаранции кои градоначалникот или општината, ќе можат да ја дадат на жителите на Гази Баба, но и на Скопје, дека сопственикот нема да одлучи неговиот иден бизнис да се базира на работата во сегментот на тешка и загадувачка индустрија. Не постои можност ваков тип дејност да му биде забранета на сопственикот. Општината може да биде доведена во незавидна материјална состојба, доколку продолжи со дејствија и акти врз основа на ДУП, а за кој се бара Уставниот суд да го поништи, што ќе значи плаќање пенали на сопственикот и свесно правење финансиска штета на општината“, соопштуваат еко-активистите.

Иницијативата потенцира дека останува отворена можноста за спречување дополнително загадување со повлекување на јавниот повик, со овозможување на советниците да гласаат по тоа прашање, но и враќање на повикот во комисијата која ќе го прекине повикот, преку негово отповикување/поништување.

„Советниците од редовите на ВМРО – ДПМНЕ и ДОМ кои се во мнозинство во општината Гази Баба, се обврзаа дека ќе ги ревидираат сите овие опции и дека ќе донесат одлука во корист на здравјето на жителите. Од градоначалникот, кој неколку пати тврдеше дека е исклучиво насочен кон намалувањето на загадувањето, побаравме да достави статус на остварување по сите 22 барања кои О2 ги изработи, а тој во предизборието како кандидат за градоначалник ги потпиша. И после неколку обиди да добиеме што од барањата е реализирано, ниту тој, ниту некој од неговиот кабинет до сега ни нема одговорено. Соработката со граѓанските здруженија не смее да бидат само збир од флоскули, згодни за дневна употреба. Ние не сме и нема да бидеме неми посматрачи на случувањата. Бараме двонасочна комуникација, а не слепа улица“, реагираат од 02 Коалиција.

Градоначалникот Борис Георгиевски, по вчерашниот настан, преку Фејсбук напиша дека имал намера за конструктивна дебата за изнаоѓање на решение со 02 Коалиција и објаснување на нејаснотии, но, тврди тој, „намерата се претвори во напад против мене“.

„Имено, на дебатата која се одржа во просториите на општината, јас во еден момент побарав конструктивност и можност да се разбереме и сослушаме, да разговараме еден по еден, без да си упаѓаме во збор, да не зборувамене во хор и на висок тон. Откако учесниците почнаа да ја водат дебатата на неконструктивен начин, особено активистката од О2 која на секој учесник му упаѓаше во збор, побарав да се разговара смирено, да се сослушаат сите, но за жал тоа погрешно се протолкува“, вели Георгиевски.

Тој категорично oтфрла дека бил арогантен, агресивен и со потсмев се однесувал кон граѓаните, особено кон жените.

„Затоа што, воопшто не беше така. Како човек, а потоа и како градоначалник, тоа многу пати сум го докажал. Општина Гази Баба и јас лично имаме потреба од партнерски однос со граѓанскиот сектор особено на темата загадување. Однос базиран на искрен и фер пристап со конкретни предлози за заедничко решавање на тој проблем, однос преку кои сите можеме да научиме нешто ново. Токму затоа, уште еднаш се извинувам доколку ова недоразбирање предизвикало навреда кај активиската на О2 Коалицијата. Останувам достапен и отворен за дијалог и дебата со секој кој на каков било начин може да придонесе во градењето на квалитетни политики на локално ниво. И понатаму ќе продолжам внимателно да го слушам гласот на граѓаните, да ги следам нивните потреби и да работам исклучиво во нивен интерес“, соопшти Георгиевски преку Фејсбук.

Б.Ш.