Борис Георгиевски: Во Гази Баба нема да се гради нова фабрика за тешка индустрија

„Не е вистина дека во Гази Баба ќе се гради нова фабрика за тешка индустрија во рамки на комплексот Железара“, изјави градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

Општината го објави огласот за давање под долготраен закуп на 99 години на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија што се наоѓа во склоп на скопската железарница.

„Самиот опфат согласно ГУП кој е на важност до 2021 година предвидува и таква намена, но вистината е сосем поинаква“, рече тој.

„Со овој објавен оглас се опфаќаат компатибилни намени од Г1, Г2, Г3 и Г4 кои се однесуваат на лесна и не загадувачка индустрија. Исто така во објавениот оглас се предвидува и намени од Д1, Д2, Д3 и Д4 кои се однесуваат на јавно и заштитно зеленило, како и намени Б2 и Б4, односно деловни објекти“, објаснуваше Георгиевски на денешната прес-конференција.

Тој ветува дека место за паника нема и граѓаните да бидат спокојни, бидејќи како што рече, во општина Гази Баба нова фабрика за тешка индустрија немало да се гради.

На прес-конференција, Георгиевски ги спомена и мерките кои Општина ги презела изминатиот период за да се спротивстави на загадувањето – како чистењето на дивите депонии, зголемување на зеленилото и распишаниот повик за пелети.