Графичкиот роман „Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“ издаден на македонски јазик

„Бункер“ го издаде графичкиот роман „Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“ од германскиот автор и цртач Рајнгард Клајст.

„Зиги Стардаст е измислен лик создаден од англискиот музичар Дејвид Боуви (името Зиги е земено од кројачки дуќан, кој Боуви го има приметено додека патувал со воз). Тој е рокенрол вонземјанин испратен на Земјата да ја пренесе пораката на надеж, во последните пет години од нејзиното постоење. Графичкиот роман Стармен раскажува за подемот и падот на, веројатно, најпознатото алтер его во музичката историја. Во него, авторот Рајнхард Клајст, ги испреплетува судбините на ексцентричниот фиктивен лик и Дејвид Боуви, од раните неуспешни денови на лондонската музичка сцена, до борбата со својата креација на врвот од славата“, се вели во описот за стрипот.

Графичкиот роман е седми во едицијата „Апсолутни почетоци“ што е во уредништво на „Бункер“.

Рајнхард Клајст е германски стрип-автор, преведуван е на повеќе јазици, а неговите дела освоиле некои од најпрестижните награди. Графичкиот роман „Cash I see a darkness“ (биографија на уште една музичка икона Џони Кеш), на пример, е номиниран за двете најпрестижни американски стрип награди Ајзнер и Харви. Истото дело, како и графичкиот роман „Боксерот“ беа прогласени за најдобар стрип на германски јазик во годините на нивното објавување.  Бункер, исто така, го има објавено и неговиот графички роман „Олимписки сон – Приказната на Самија Јусуф Омар“ кој ја освои Густав-Хајнеман наградата за мир.

Објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик е поддржано од Министерството за култура. Преводот од германски јазик е на Симона Мирчевска, а предговорот го напиша Игор Анѓелков. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, Тотем д.с.