Графички роман за прв пат меѓу номинациите за Букеровата награда

„Сабрина“ од писателот Ник Дрнасо стана првиот графички роман кој се најде на пошироката листа на кандидати за Букеровата награда за книжевност.

Романот ја раскажува приказната за девојка која исчезнува оставајќи зад себе видеоснимка со траги околу нејзиното исчезнување.

29-годишниот Дрнасо, роден во Чикаго, ја доби книжевната награда на „Лос Анџелес Тајмс“ со неговата прва графичка збирка на кратки приказни „Беверли“.

„Со оглед на начинот на кој се менува фикцијата, беше само прашање на време пред да биде вклучен графички роман“, соопштила жири-комисијата.

Овогодишната поширока листа на кандидати за Букеровата награда е составена од 13 романи. Меѓу номинираните автори четворица имаат помалку од 30 години, а четири од романите се дебитантски дела. Шестмина од писателите се од Велика Британија, три од САД и по два од Ирска и Канада.

Пошироката листа ќе се стесни на шест дела кои ќе се натпреваруваат за наградата во септември, пред да се прогласи победникот на 16 октомври. Победникот добива парична награда од 50 илјади фунти.

Букеровата награда се доделува од 1969 година и се смета за една од најпрестижните награди во книжевноста. Последните победници се Хилари Мантел, Пол Бити, Марлон Џемс и Џорж Сондерс, кој доби „Букер“ минатата година за романот „Линколн во бардо“ (Lincoln in the Bardo).