Градот Скопје ќе го процесира и рециклира градежниот отпад

Град Скопје, заедно со невладината организација „Смарт Ап“ и Јавното претпријатие „Дрисла“ добија ИПА проект за Управување со градежен отпад и негова повторна употреба во вредност од 800.000 евра, кој треба да се реализира 2 години, информираат од Град Скопје.

Оттаму велат дека со воведувањето на циркулрани принципи во оваа гранка, ова ќе има огромно влијание врз индустријата, поради како што додаваат, фактот што градежниот сектор претставува значителен столб во целокупната економија, додека на Скопје и регионот му недостига модерен регионален центар за процесирање и рециклирање отпад.

„Според направените истражувања Северна Македонија генерира околу 1,95 милиони тони градежен отпад годишно. Како земја кандидат, државата ќе мора да се придржува на регулативите за управување со отпад и барањата на ЕУ во делот на циркуларната економија. Крајните корисници на услугите, како и на придобивките од овој проект се Градот Скопје, Јавното Претпријатие Дрисла, градежните компании и секако граѓаните на Скопје“, се додава во соопштението на градот.

Дополнително, тие посочуваат дека со проектот имаат за цел да ги детектираат и мониторираат неконтролираните депонии со помош на ГИС системи, додека податоците кои ќе се генерираат, како што велат, ќе бидат дата база за инвентар и првични официјални информации за иницијално идентификување, дигитализирање и наблудување на градежниот отпад.

„Предвидена е и набавка на соодветна механизација како дробилица за градежен отпад, камиони за транспорт и механизација за сортирање на различни видови на отпад. Во конзорциумот на имплементатори на овој проект се вклучени и пионерите во воведувањето на циркуларна економија и рециклирање на отпад, Нова Горица од Словенија, државата која успешно ја спроведе стратегијата Нула Отпад. Градот Нова Горица ќе биде вклучен во сите процеси на развој и имплементација на овој проект, ќе биде добар пример и ќе му помогне на конзорциумот во реплицирање на проектот на локално ниво. Општината Нова Горица и РРА Северна Приморска ќе ги споделат нивните успешно имплементирани проекти, правните и економските аспекти и секако нивните препораки“, додаваат од Град Скопје.

Истовремено, оттаму посочуваат дека со реализација на проектот се очекува да се зајакнат капацитетите на локалната власт во однос на обучен кадар во областа на циркуларните принципи, како и креирање на нови работни места, воведување циркуларна економија, намалување на бројот на нелегални депонии за градежен отпад и шут за 20% и намалување на градежниот отпад во целост за 30%.