Советот на Град Скопје донесе одлука со која вонсудски ќе се решаваат случаите на каснување од бездомни кучиња

На денешната седница, Советот на Град Скопје донесе Одлука за надоместок на материјална и нематеријална штета предизвикана од бездомни кучиња на јавни површини, објави Град Скопје.

„Со оваа Одлука се утврдува вонсудско спогодување во постапка по која ќе може да се исплаќа штета согласно со судските практики. Вонсудското спогогодување е во полза на намалувањето на енормните трошоци кои произлегуваат од судските постапки и сите пропратни процедури, а исто така е полезно и за оштетените во остварувањето на правото“, соопштува Град Скопје.

Како што инфомираат од таму, трошоците за судските постапки, жалбените постапки, одговорите на жалбите, адвокатски услуги во 2020 година го чинеле Град Скопје повеќе од 15 милиони денари, во 2021 година повеќе од 26 милиони денари.

Во 2020 година биле поднесени 480 тужби против Град Скопје, додека во 2021 година се поднесени 589 тужби.

„Оттука носењето на Одлуката за вонсудско спогодување ќе заштеди многу средства во градскиот буџет. Согласно со новата Одлука ќе биде оформена Комисија која ќе одлучува за начинот и исплатата на штетите од каснување предизвикано од бездомни кучиња. Комисијата ќе одлучува врз основа на Правилник за склучување на спогодба со оштетени граѓани“, се вели во соопштението на Град Скопје.