Градоначалникот Мерко вознемирил група граѓани, утврдија од Комисијата за заштита од дискриминација

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдиле вознемирување врз основа на раса, боја на кожа, национална или етничка припадност, припадност на маргинализирана група, имотен статус или друг основ од страна на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко кон група на граѓани.

„Комисијата утврди вознемирување поради упатената изјава на градоначалник, за депортирање на граѓани со социјален статус: ,,питачи”, ,,собирачи на железо” и ,,досадни”. Имајќи во предвид дека функцијата градоначалник е јавна функција, неговите изјави имаат допир до голем број граѓани, вклучувајќи и граѓани кои се препознаат во намерата на градоначалникот што предизвикува дополнителна тежина на вознемиреност“, соопштија од Комисијата за заштита од дискриминација.

Тие додаваат дека според претставката поднесена од Европскиот Центар за Правата на Ромите од Брисел, изјавата на Мерко со закани и најавена депортација на луѓе кои питачат на подрачјето на Струга била дискриминаторска и согласно Законот за локална самоуправа, бидејќи градоначалникот нема овластувања да депортира и протерува граѓани.

„КСЗД побара одговор од страна на градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко по претставката, на што тој одговори дека во неговата изјава нема дискриминација, а пораката за депортација според него е упатена до МВР, како орган надлежен за легитимирање и движење на лицата кои се дојдени во градот да питачат. Тој, во одговорот на претставката исто така се извини до сите страни кои се препознале во неговата изјава“, стои во соопштението на Комисијата.

Од Комисијата на градоначалникот му препорачуваат да се извини во јавноста до граѓаните со наведениот социјален статус „питачи“ и „собирачи на железо“ во најмалку 3 јавни медиуми.