Град Скопје: Работиме на системско решение за безбедноста на граѓаните и на бездомните кучиња

Градот Скопје  во текот на изминатиов месец интензивно работи на изнаоѓање системско решение за превенција и спречување на инциденти  што се поврзани со напади на граѓаните од кучиња, без разлика дали станува збор кучиња скитници или за кучиња кои имаат сопственици, рече денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Според Шилегов, единствениот начин системски да се реши овој проблем е преку контрола на бројот на бездомните кучиња по пат на хумано и одговорно времено стациониорање и третирање на животните.

„Истовремено бараме и системско решение за целосно регулирање на одговорностите на сопствениците на домашни миленици во насока на спречување на ваквите инциденти. Работиме на чипирање на сите кучиња во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство. Ова е процес кој одзема релативно долг временски период и заради тоа апелирам за разбирање од страна на граѓаните“, изјави Шилегов.

Тврди дека станува збор за проблем кој подолго време е игнориран и запоставуван од претходната владеачка гарнитура. По инцидентот во Ново Лисиче каде беа каснати повеќе граѓани од напуштено расно куче, вели тој, забележано е поставување отров од несовесни граѓани на фрекфентни локации низ Карпош, Центар и Аеродром.

„Ги повикуваме овие граѓани итно да престанат од причина што со тоа прават повеќе кривични дела поврзани со насилство врз животните и предизвикување општа опасност. Но, мора да прифатиме дека инциденти имало и ќе има. Животните не ни се непријатели. Треба да се гарантира нивната благосостојба, но истовремено и безбедноста на граѓаните и нивната заштита од вакви или слични напади ни е приоритет. Фокусирани сме на овој проблем и се надеваме дека во најкраток можен рок ќе имаме финално решение на проблемот“, рече Шилегов.

Градот за проблематиката формирал посебна работна група составена од пет члена – еден советник во Советот на Град Скопје, вработен во Секторот за комунални работи на Град Скопје и по еден претставник од здружението за заштита на животни „Анима мунди“, граѓанската иницијатива „Кане Корзо“ и од Асоцијацијата на активности за правата на животните.

„Работната група изготви извештај со препораки за трајно решавање на проблемот. Препораките од извештајот, заедно со препораките на Агенцијата  за храна и ветеринарство, ќе влезат во Програмата и Буџетот на Градот за 2018 година, а овие системски решенија истовремено ќе ја зголемат и безбедноста на граѓаните и заштитата на бездомните кучиња на територијата на градот Скопје“, велат од Град Скопје.

Извештајот од работната група може да се погледне ТУКА.

Инаку, повеќе граѓани, активисти, но и општински власти веќе апелираа да запре расфрлањето на отрови низ јавните простори, предупредувајќи дека се директна закана за милениците, но и потенцијална опасност за граѓаните, особено за најмладите генерации.

Усмртени животни низ Скопје, активисти и општински служби бараат да запре расфрлањето отрови