Град Скопје: Мостот „Беласица“ нема структурни оштетувања, ќе се отворат само две коловозни ленти за лесни возила

Од Град Скопје информираат дека согласно експертскиот извештај за состојбата на мостот на булеварот „Беласица“, утврдено е дека истиот нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста на мостот.

„Од извештајот констатирано е дека има површинско напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, кое ЕСМ ќе го санира со цел поставување нови топловодни цевки како нивна обврска за овозможување непрекинато снабдување на граѓаните на градот со топлинска енергија“, стои во соопштението на Град Скопје.

Оттука, велат од таму, мостот на булеварот „Беласица“ е отворен за сообраќај само за лесни возила во двете крајни коловозни ленти, додека двете средишни коловозни ленти ќе бидат отворени во моментот на завршување на градежните работи од ЕСМ.

Од државната компанија ЕСМ, пред неколку денови за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека тие ги извадиле оштетените цевки, но чекаат Градот да направи санација, по што тие ќе стават нови цевки. Рекоа дека не знаат кога ќе почне санацијата бидејќи никој не ги информирал.

Инаку, мостот беше опожарен од долната страна на 12 мај, а потоа беше затворен за сообраќај.