Говорот на Нинослав Нанков, второ место на 20. Ораторска вечер „Иво Пухан”

Победник на годинешната Ораторска вечер ,,Иво Пухан“ е Ѓорѓи Рајчиноски, Второто место го освои Нинослав Нанков, а третото му припадна на Борјан Ефтимов. Откако претходно го објавивме победничкиот говор, сега интегрално го пренесува и говорот на Нанков:

Леле луѓе што направивме…!!!

300 илјади граѓани на ова мало парче земја, извадија бугарски пасоши, си ги спакуваа куферите и заминаа од Македонија. Ако продолжиме вака, ќе не снема, нема да имаме химна, ни осумкракото знаме, ни државава. Нема да бидеме ни ФИРОМ, ни Република, ни Северна, ни Јужна, а ни долна ни горна!

Ги напуштаме своите роднини, својот град, својата татковина, државата и бегаме некаде. Таму некаде во Европа. Сите ли ќе отидеме? Нема да остане никој? Македонија ја имаме, не за да ја испоганиме, испокрадеме и поделиме, туку за да живееме во неа, таа ни е наследство од нашите предци, а ние бегаме, се селиме, се бориме едни против други и фаќаме џенеми. Почитувани присутни: Aко нашите предци во 45-тата би размислувале како нас, дали ние денес би биле овде?

Ехх, кога би имале буките и шумите уста па да проговорат, многу би имале да кажат. Слушнете ја химната и запрашајте се дали сакате да ги земете куферите. Не е се розово, но промената која сакаме да ја видиме е наша должност. Младите и професионалните луѓе да добијат поддршка при вработувањето со нов систем на вредности, кадешто критериум за вработување се способностите, а не бојата на партиската книшка.

Нашите најквалитетни од сите професии, а сигурен сум дека ги има, да го работат она што навистина најдобро го знаат, за да имаме успешна економија и држава. Спокојните, среќни и задоволни граѓани со својот успех ќе придонесат за успех на оваа држава! Нови лица! Нови лица! Нови млади лица и кај едните и кај другите, и кај левите и кај десните. Едните не успеаа, а другите потфрлија затоа што се истрошени! Се изморивте и не изморивте!

Потребна ни е нова енергија, нови идеи, свежи мисли и свеж дух за да направиме суштински промени за нас! Тогаш ќе ја вратиме довербата и мотивацијата дека и овде, може да има иднина за нас и за нашите потомци! Сигурен сум дека можеме да бидеме еднакви со Европа, да ја донесеме овде, наместо да одиме таму. Потребна ни е истрајност, доблест, чесност, искреност, култура, почит…почит кон себеси и кон останатите, за да ја направиме Македонија достојно место за живеење. Оваа битка треба заедно да ја извојуваме, и да се избориме за она што само нас ни припаѓа.

Победничкиот говор на Ѓорѓи Рајчиноски на 20. Ораторска вечер ,,Иво Пухан“