Победничкиот говор на Ѓорѓи Рајчиноски на 20. Ораторска вечер ,,Иво Пухан“

Ѓорѓи Рајчиноски е победник на годинешната Ораторска вечер ,,Иво Пухан“, која традиционално се одржува по повод 10 декември – Светскиот ден на човековите права. Тој својот говор го посвети на студентското организирање, односно на студентите и нивната борба во изминативе две години, со осврт на етикетите кои ги добивале поради нивната критичка мисла и протестот пред седиштето на СПУКМ кога беа избркани од ЕБР.

Второто место го освои Нинослав Нанков, а третото место му припадна на Борјан Ефтимов.

Во продолжение, Радио МОФ интегрално ви го пренесува победничкиот говор:

„Студентите по дефиниција се носители на промените и напредокот на едно општество. Тие се клучен столб на секоја демократска земја и творци на принципите и вредностите кои едно општество треба да ги поседува. Во едно апатично општество како нашето, студентите мораат да бидат гласноговорници на критичка мисла и поведувачи на широките маси кон еден подобар живот. Согледувајќи ја должноста што општеството ни ја довери, пред две години излеговме на улиците.

Извикувајќи различни пароли вдахнувавме живот  во општеството кое умираше. Обединети по сите линии демонстриравме сила само со нашето постоење. А бевме напаѓани од многу страни. Дури и професори од овој факултет нè нарекуваа платеници, предавници, соросоиди и како уште не!

Единиците за брзо распоредување неколкупати тепаа студенти, без дозвола влегуваа во Универзитетскиот простор, нè бркаа по улиците како најголеми криминалци. но тоа ни за момент не значеше наше откажување. Напротив!

Секој удрен пендрек значеше покажување на слабост на режимот кој сакаше да ги репресира прогресивните студенти!

Секој удрен пендрек значеше наша победа!

А каде беше студентската организација, таканаречена Студентски парламент? Уживаше во парите кои што ги добваат од нас за заштита на нашите права. Трошеа на патувања во странство, виски и студентски забави додека ние говоревме за слобода, правда, еднаквост по улиците.

А Универзитетот остана нем. Молчеше ректорот. Молчеа деканите. Професорите молчеа исто така. Ја отфлија одговорноста, а постоеше начин, начин кој сè уште постои, за тие да го решат ова прашање.

Но, зарем ќе чекаме да го решат ова прашање луѓе кои ја веднат главата за да останат на својата функција? Зарем ќе чекаме помош од луѓе кои немаат став по најважните политичко-општествени промени?

Ајде да не чекаме благо реформирање и ситуацијата да ја земеме во свои раце. Ајде да го завршиме она што го почнавме и да повлечеме рез со кој ние ќе бидеме тие кои ќе го дадат решението на проблемот. Бидејќи сметам дека сме способни за тоа, Ве повикувам на револуција! Но, не револуција со оружје и безброј жртви. Нам ни треба револуција на умот. Револуција после која студентските лидери нема да бидат полтрони на партијата на власт, а нивна најголема цел слика со премиерот на партиски митинг.

Револуција после која ќе го исфрлиме ѓубрето од дворот, а депонијата ќе ја уништиме бидејќи нема можност таквиот смет да се рециклира. Јас верувам дека можеме да имаме лидер кој ќе се спротивстави на власта, а притоа ќе ги има студентите како негова поддршка. Затоа, ние мораме и ќе го направиме ова општество, општество на слободни луѓе, а не збиршнита од безрбетници! И тука – нема компромис!“