[Фото] Го сакам Водно демантира дека е постигната согласност со активистите за гасоводот, машинеријата повторно е на терен

 Граѓанската иницијатива Го Сакам Водно во потполност го демантира соопштението на МЕР АД Скопје, со кое ја информираше јавноста дека активностите на планината за гасоводот продолжиле откако била постигната согланост со граѓанските активисти.

Од Иницијативата велат дека не е постигната согласност, ниту  биле дел од работните групи за мониторинг на изведбата на целиот проект.

„Ширење лажни вести како официјално соопштение е сепак пострашно од fake news (лажни вести) , нели Миле Бошњаковски и Бајрам Реџепи? Освен, ако нема некои нови, преку ноќ одгледани граѓански активисти“, се вели во демантот на Го сакам Водно.

Инаку, вчера планинари и активисти забележаа дека повторно машинерија работи на скопската планина. Иницијативата Го сакам Водно објави и видео во кое активистка застануваа пред багер, барајќи дозвола за градба. Исто така, побараа веднаш да престанат градежните активности и да се отстрани механизација од Водно.

Машинеријата денес повторно е на терен, а активисти и планинари низ социјалните мрежи постираат фотографии и видеа со уништитени дрвја.