[Фото + видео] Багерите денес повторно работат на Водно

Планинари кои се искачуваат на линија Матка – Водно повторно забележаа како машинерија работи на терен за изградба на гасоводот. Револтирани се што се изведуваат градежни активности денес, за време на празникот 11 Октомври.

„На сртот од врвот кон Матка, кога вртите десно, подолу по подножјето се копа. На терен работат машини – багер и булдожер. Можеби има уште една машина. Тоа е моменталната фактичка состојба, не знам дали претходно деновиве се работело“, вели планинар за Радио МОФ.

Се огласија веднаш и од иницијативата „Го сакам Водно“, објавувајќи и видео како активистка застануваа пред багер, барајќи дозвола за градба. И покрај сите ветувања дека нема да се продолжи со копање на Водно додека траат преговорите и консултациите и се водат постапки преку државните институции, велат тие, денес се работи на државен празник.

„Водно се силува и понатаму! Институциите се глуви на аргументи. Инспекциите иако јасно се известени за будност и натаму се пасивни. Во ситуација кога: 1. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески изјавува дека голем дел од средствата нема да се искористат за изградба на гасоводот и ќе се пренаменат за други проекти. 2. Директорот на МЕР, Бајрам Реџепи на прашањето дали ќе продолжи изградбата на гасоводната траса преку Водно или ќе запре поради прекројувањето на државната каса, изјавува дека кога ќе добијат дозвола за изменетата траса преку Водно (не е добиена) од Министерството за транспорт и врски, тогаш ќе продолжат со изградба на гасводот на тој потег.3. Нема решение за сеча од Град Скопје 4. Нема никаков официјален документ издаден од државна институција за изменетата траса. Официјалните документи покажуваат стара траса со 25 метри широчина. Имаме очигледни празни ветувања, за кои не постои ниту намера да се исполнат. Уништувањето на Водно продолжува и тоа на државен празник!“, соопшти иницијативата, барајќи веднаш да престанат градежните активности и да се отстани механизацијата.

Драгана Велковска, советничка од Советот на Град Скопје, преку социјалните мрежи искажа револт за активностите на Водно. Објави дека сите документи поврзани со постапката јасно укажуваат на опасност од ерозија.

„Трасата на гасоводот е изменета! За тоа треба нова ОВЖС. А тоа не се прави за еден ден! Пред 7 дена добив одговор на мое барање до МЖСПП кое, исто така, го имав поднесено на 18 септември. Никој не доставил до МЖСПП барање за измена на трасата и почнување на соодветна постапка! Еден аргумент нема зошто гасовод низ Водно и зошто толку јавни пари се истурени за гасовод воопшто! Лажните аргументи како: оштетување на буџет, зелено решение, не ги сметам за валидни! Гасот е последно упориште на нафтените лобисти! Ние имаме земја со речиси 300 сончеви денови – обновливи извори се зелено решение“, напиша меѓу другото Велковска.

Засега нема реакции и одговори од Град Скопје и останатите институции.

Директорот на МЕР, Бајрам Реџепи неодамна рече дека очекува да заврши процедурата во Министерството за транспорт и врски околу дозволата за изменетата траса преку Водно, па, кога ќе ја добијат, работите на изградбата на гасоводот на потегот треба да продолжат.

Бојан Шашевски