„Гласни и горди!“ – четврта скопска Парада на гордоста на 24 јуни

Под мотото „Гласни и горди!“, четвртата Парада на гордоста годинава ќе се одржи на 24 јуни, соопштија денес од Мрежата против хомофобија и трансфобија.

Оттаму соопштуваат дека почетната точка ќе биде Паркот „Жена-борец“, каде ќе се собираат учесниците, за во 19 часот да започне протестниот марш по скопските улици.

Од Мрежата потенцираат дека маршрутата останува иста како и во минатите години, а Парадата ќе заврши со културно-музичка програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

„Напредокот на полето на правата на ЛГБТ+ луѓето не е изедначен, ниту пак е доволен, а постојано е соочен со напади од сили кои се противат на универзалните човекови права. Токму затоа, Прајдот останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството“, истакнуваат од Мрежата.

Како претставник од Мрежата против хомофобија и трансфобија, Ирена Цветковиќ посочи кон актуелниот контекст и загрижувачки силното негативно мобилизирање на верските заедници, конзервативните и популистичките политичари и партии, како и антиродовите движења против ЛГБТИ заедницата – транс лицата.

„Во ваква непријателска средина кога говорот на омраза и насилствата се во пораст, а хомофобијата и трансфобијата стануваат доминанта позиција на носителите на моќ, да се биде ‘Горд и Гласен’ претставува отпор и протест против системот кој угнетува. ЛГБТИ заедницата минала низ многу тешки периоди, ќе минеме и низ овој само со исправена глава, горди и гласни во остварувањето на нашата визија за свет на еднаквост и просперитет“, нагласи Цветковиќ.