Гевгелиското здружение „Спас за нас“ најави кивични пријави за концесиите за минерални суровини

Кривични пријави за повеќе лица поврзани со издавањето концесии за геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини, најави Ангел Наков од Здружението на граѓани „Спас за нас“ од Гевгелија.

„Во врска со издавањето на овие концесии ние за два до три дена до јавното обвинителство на РМ ќе покренеме кривична постапка бидејќи имаме основано соменение за сторено кривично дело и тоа во низа од страна на огромен број државни функционери од претходната власт, службеници, порачатели и изготвувачи на студии“, рече Наков.

Според него, најзагрижувачки податок е тоа што сите концесии за детални геолошки истражувања за металични минерални суровини, најчесто бакар, злато и сребро издадени во РМ, од кои четири веќе се за експлоатација, без исклучок се врз главните извори за вода за пиење и вода за потребите на земјоделието.

Спорен е, рече, и донесениот закон за минерални суровини со кој не се предвидува тенер за ваквиот тип концесии.

„За да ја прекопате државaта не ви треба тендер, туку само барање за издавање концесија“, рече Наков на денешната прес-конференција на Коалицијата за чист воздух, на која беше побарано зголемување на средствата за заштита на животната средина.

Според него, издавањето на овие концесии не е ниту во согласност со Просторниот план на РМ, што, како што рече, е највисок акт кој го утврдува просторното и урбанистичко планирање односно економскиот развој на земјата. Тој, рече Наков, го носи Парламентот и се донесува на секои 15 години. Оној кој е на сила во моментов, рече, истекува во 2020 година.

„Во него на недвосмислен начин регионите каде што сега се издаваат над 80 концесии, се предвидени за развој на земјоделие, туризам и лесна индустрија, а не за рудници“, рече Наков, додавајќи дека ако ова не се спречи, сите ќе станат соучесници.

МИА