Германски „Не-збор на годината“ за 2021 е „потиснување“

Не е баш награда за фалење, но за наградата „Не-збор на годината“, нашироко се пишува во Германија, пренесува „DW“.

Наградата се доделува на збор кој се користи на погрден или омаловажувачки начин.

Жири-комисијата составена од лингвистички експерти одлучи наградата за „Не-збор на годината“ да ја додели на зборот „потиснување“ – (pushback).

Англицизмот се однесува на дејствија преземени на државната граница кои ги спречуваат, често насилнo,  мигрантите и бегалците да преминат во некоја земја, односно кога тие се туркани назад преку границата, без да се земат предвид индивидуалните околности и со тоа се негира правото да бараат азил.

„Потиснувањето“ претставува прекршување на различни меѓународни закони.

Од жирито нагласиле дека го избрале зборот затоа што се користи еуфемистички за да се посочи на „нехуман процес“.

Втор претендент за „Не-збор на годината“ бил „јазична полиција“ (Sprachpolizei), кој се користи како навреда кон луѓето што се залагаат за недискриминаторска и родово сензитивна употреба на јазикот.

Наградата „Не-збор на годината“ има за цел да критикува.

Таа сака да го истакне сиромашното јазично изразување и да покаже како тоа може да ја храни дискриминацијата, да се судри со демократските принципи и да го поткопа човечкото достоинство.

Со наградата, жирито се надева дека ќе ја зголеми свеста за ефектите од употребата на јазикот.

Секој може да предложи „Не-збор на годината“ на разгледување, а жирито составено од независни лингвисти и новинари ја донесуваат конечната одлука.

„Не-збор на годината“ како награда се доделува од 1991 година.