Германија најави мерки за помош на граѓаните поради зголемената инфлација

Германската влада соопшти дека ќе издвои над 65 милијарди евра кои ќе бидат искористени за да им помогнат на германските жители полесно да ја пребродат инфлацијата и зголемените трошоци за електрична енергија, пренесува „N1“.

Најавените мерки вклучуваат поевтина карта за јавен превоз, паушален месечен износ за пензионери и студенти во износ од 300, односно 200 евра за трошоците за електрична енергија, како и зголемување на месечниот износ кој се плаќа на родителите за прво и второ дете.

Властите ќе воведат и пониски цени за основна потрошена количина на струја, а граѓаните ќе треба да платат повеќе доколку ја пречекорат границата.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјавил дека неговата влада ќе дејствува врз енергетските добавувачи, кои остваруваат зголемен профит поради високите цени на енергенсите, кои во голема мера се покачени поради руската војна во Украина и намалената испорака на руски гас во Европа.

„Голем профит остваруваат и некои производители, кои едноставно ги користат високите цени за гас, па тие да ја одредуваат цената на струјата, со што тие заработуваат многу пари. Цврсто сме решени да ги промениме правилата на пазарот за да не се случуваат неочекувани профити, или тие да бидат намалени“, рече Шолц.

Трошоците за производство на струја се зголемени кај електраните кои работат на гас, додека сите оние кои електричната енергија ја произведуваат од други извори како ветар или сонце, сега бележат рекорден профит.

Шолц истакнал дека Германија ќе земе „многу, многу милијарди“ од оние кои остваруваат рекордни профити, а тие пари ќе бидат искористени делумно да се финансираат најавените мерки за населението.

Германскиот министер за финансии, Кристијан Линдер претходно се спротиставил на барањето на германскиот канцелар за земање на финансии од производителите на електрична енергија, но тој ја поддржал одлуката велејќи дека не станува збор за класично оданочување, туку интервенција за да се регулира пазарот на енергенси.