Германската влада одобри предлог закон кој ја олеснува промената на пол

Германските власти го дозволија предлогот за нов закон за самоопределба, со кој се олеснува промената на назнаката за пол и име, со што одговори на децениските барања на ЛГБТ+ заедницата во државата.

Доколку се усвои, законот ќе дозволи трансродовите, интерсекс и небинарните лица во земјата да го променат своето име и назнаката за пол со едноставна процедура преку пополнување на формулар.

Според сегашниот закон, усвоен во 1980тите, оние кои сакаат да ги направат промените во личните документи треба да поминат низ две психолошки проценки, а крајната одлука ја носи основниот суд.

Во случаи на деца под 14 години, одговорноста за поднесување на формуларите ќе ја имаат родителите или старателите, додека малолетниците над 14 години ќе можат да го поднесат формуларот само ако имаат согласност од родителите.

Предложениот „Закон за самоопределување“  допрва треба да биде доставен до Парламентот на земјата за одобрување.

Доколку биде усвоен, законот ќе овозможи Германија да се приклучи на неколку европски земји кои веќе го воведоа правниот принцип на самоопределување, односно Белгија, Шпанија, Ирска, Луксембург и Данска.