Германија тестира четиридневна работна недела

Германија од денес започнува со тестирање на шестмесечна програма за четиридневна работна недела, за иста плата, пишува Дојче Веле.

Германија во моментов како и многу други земји се соочува со недостиг на работна сила, но мерката во која учествуваат 45 компании има за цел да помогне токму околу овој недостиг.

Иницијативата за воведување четиридневна работна недела ја предводи непрофитната организација „4 Day Week Global“. Тие се залагаат за тоа дека доколку работникот работи четири наместо пет дена во неделата тоа ќе ја зголеми неговата продуктивност и како последица на тоа ќе придонесе за зголемување на работната сила во државата.

Иако Германија има долгогодишна репутација за трудољубивост и ефикасност, во последните години се чини како да опаѓа продуктивноста.

Причината за тоа не е дека работниците се мрзеливи. Во суштина, продуктивноста се мери преку делење на еконмскиот исход со бројот на одработени часови. Во последните неколку години, високите трошоци за енергија му наштетија на производството на компаниите, оставајќи ги нив и државата со понизок резултат на продуктивност. Ако компаниите го задржат ова ниво на производство со вработени кои ќе работат помалку часа во неделата ова може природно да придонесе за зголемување на продуктивноста.

Од иницијативата сметаат дека ова е возможно, затоа што според нив работниците кои работат четири наместо пет дена во неделата се помотивирани и оттаму попродуктивни. Овој модел исто така има потенцијал да привлече повеќе луѓе во работната сила преку ангажирање на тие кои не сакале да работат пет дена неделно, со што може да се намали недостигот на работна сила во земјата.

Инцијативата „4 Day Week Global“ во 2019 година предводеше ваква пилот програма во Велика Британија, Јужна Африка, Австралија, Ирска и САД. Во неа учествуваа повеќе од 500 компании, а според првичните резултати се чини дека се фаворизира четиридневната работна недела.

Во програмата беа вклучени околу 3.000 работници од Велика Британија. Истражувачи од Кембриџ и Бостон открија дека речиси 40% од учесниците се изјасниле дека по учеството во програмата учествуваат помалку стрес, а и дека бројот на оставки се намалил за 57%.

Сепак, моделот за четиридневна работна недела не е погоден за сите професии. Според економистот Ензо Вебер ваков модел на работа може да се практикува само во компаниите кои се погодни за тоа. Тој исто така се сомнева дека намалувањето на бројот на работни часови може негативно да се одрази за креативните и социјалните елементи на работата.