Георгиески: Фотографиите од дрвата во Охрид се политичка манипулација, асфалтот е веднаш отсечен

По вчерашните објавени фотографии на кои се гледаат дрва покриени со асфалт при градежни работи на улица во Охрид, се огласи градоначалникот на општината, Константин Георгиески, кој овие информации ги карактеризираше како лажни.

Според него веднаш по асфалтирањето бил отсечен асфалтот и се оформил соодветен простор околу дрвјата.

„Лага и чиста политичка манипулација се информациите и фотографиите кои попладнево беа објавени на социјалните мрежи, во врска со градежните работи за проширување на улицата “Кирил и Методиј” заради оформување на поголем број паркинг места. Поради специфичната конфигурација на теренот, во делот на постоечкиот дрворед најпрво е извршено асфалтирање, по што веднаш е извршено отсекување на асфалтот и оформување на соодветен простор околу дрвјата. Недозволиво и неетичко е да се критикуваат градежни активности кои сè уште се во тек. Затоа упатувам апел до опозицијата и носителите на јавни функции, да не ја дезинформираат јавноста на штета на имиџот на градот. Наместо да бидат дежурни пишувачи на социјалните мрежи нека дадат придонес во креирање на политики кои се во интерес на градот и граѓаните кои ги избрале. Додека тие се занимаваат со неосновани обвинувања, ние продолжуваме континуирано и интензивно да работиме на подобрување на инфраструктурата и да реализираме проекти кои се во интерес на Охрид“, напиша на Фејсбук Георгиески.

Од граѓанската иницијатива Охрид СОС, во коментар на нивната вчерашна објава, најавија дека ќе бараат Општина Охрид јавно да го објави проектот и кој ги изведувал градежните работи, а побараа и одговори зошто ваков проект почнал без консултација на јавноста.