„Генералка викенд“ акција – За секои 10 килограми собран отпад ќе се садат дрвја кои треба да прераснат во шума

Гордана Манасијеска и Ханес Јаекл се двајца ентузијасти кои преку три акции за пролетни чистења ќе се обидат во мај да ги ангажираат граѓаните да собираат отпад додека се во природа со своето семејства или друштво.

„Нашата мотивација е водена од волјата да ги зачуваме здрави луѓето и нашата околина“, велат тие за Радио МОФ.

Акциите се планирани да се одржат на 7,8 и 9 мај како дел од настанот „Генералка викенд“. За ова тие се здружиле со Пакомак, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство и шумарство. Покрај нив, досега во иницијативата се вклучиле и уште 9 општини, училишта, аматерски спортски клубови и Делегацијата на Европската Унија.

На крај тие ќе ја изберат општината со најсовесни граѓан за животна средина, а за секои 10 килограми отпад ќе засадат и дрво. Со помош на надлежните наоѓаат погодно место за засадување на шумата, што тие ја нарекуваат Сончева гора.

Гордана Манасијеска и Ханес Јаекл

„Заедно со архитекти за пејзаж планираме оваа Сончева гора да стане место за посетителите кои сакаат да го откријат, доживеат овој парк што постојано се развива. Бидејќи оваа шума ќе расте со секое пролетно чистење, ова место постојано се менува и станува секогаш нова и пристапна атракција за сите домашни и странски туристи“, велат Гордана и Ханес.

Нивната идеја е преку овие акции да им дадат чувство на граѓаните дека нивните дејствија и акции може да резултираат во вистинска промена на подобро.

„Она што нѐ иритира најмногу е што луѓето не ја третираат нивната околина како да е дел од нивниот дом. Луѓето кои ја загадуваат природата и околината: полињата, ливадите, реките, ридовите, шумите, планините со нивниот личен отпад директно го напаѓаат здравјето и иднината на нивните деца, семејства, соседи и пријатели. Нѐ иритира што луѓето кои ја загадуваат околината не се свесни дека тие ја уништуваат нивната земја и иднината на луѓето кои ги сакаат најмногу, со труење на водата, воздухот, овошјето, зеленчукот и загрозувајќи ги и животните кои живеат во нашата земја. Со палењето или закопувањето на опасен отпад, како: пластика, хемикалии, нафтени продукти и други опасни материјали, тие прават ништо друго освен што ги проколнуваат нивните деца и децата на нивните деца и децата на децата на нивните деца. Им оставаат во наследство ништо друго, освен неповратни штети на нивното здравје и на здравјето на сите во оваа земја“, реагираат Гордана и Ханес.

За нив, создавањето на оваа шума со садење дрвја е симбол за луѓето и нивната волја да создадат подобра иднина за новите генерации.

„Шумата е мал свет што функционира единствено кога е балансиран. Кога во неа ги имате вистинските животни, вистинските растенија кои растат на вистинската земја, и има доволно простор да се прошири. На овој начин Сончева гора ја симболизира нашата желба за тоа каква сакаме да биде наша „Земја на Сонцето“, велат Гордана и Ханес.

Нивната крајна цел е да ги здружат граѓаните со институциите, или како што велат „да сфатат дека пред сè, сите сме луѓе на кои им треба свеж воздух, чиста вода и здрава околина што ќе ги издржи предизвиците од глобалното затоплување што е можно подобро“.

Емилија Петреска