[Став] Нови закони за отпад – нови правила. Како до помалку отпад?

Борче Кузмановски, програмски координатор во Гоу Грин Скопје

Во септември оваа година, Република Северна Македонија ги транспонираше европските директиви за отпад и законски одредби на Европската унија и ги донесе 6-те пакет закони во делот на управување со отпад. Овие закони се донесоа со цел да се подигне свеста за намалувањето на отпадот, стратегиите за повторна употреба и рециклирање како и други слични политики на Европската Унија.

Поедноставно кажано, мора да ги усогласиме нашите закони како тие би поттикнувале одржлив систем за управување со отпадот, а оттаму и заштита на животната средина.

Во нив беше опфатена и хиерархијата за управување со отпад која е заедничка за секоја земја. Најголем приоритет се дава на спречувањето или намалувањето на отпад, потоа реупотреба, рециклирање, користење на отпадот како гориво, и депонирање, како најнепосакувана опција за справување со отпад.

Доколку почнеме да делуваме уште на почетокот на создавање на отпадот, директно влијаеме на количините со кои подоцна треба да се справуваме. Да тргнеме од себе, ако секој од нас почне да внимава што купува (потеклото, амбалажата, составот на производите) и притоа свесно одбира што ќе купи, како потрошувачи влијаеме на продажбата, со што ќе ги мотивираме компаниите да наоѓаат еко-решенија за пакувањето на нивните производи.

Во нашата земја, оваа активност е од особено значење, имајќи предвид дека во нашиот систем на управување со отпад нема фукнционална примарна или секундарна селекција. Доколку создадениот отпад заврши во контејнерот за комунален отпад, тој ќе заврши и во депонија. Собран селектиран пластичен отпад изнесува 1.4% од вкупниот собран отпад и тоа е резултат на преземени дејствија на колективните постапувачи и неформалните собирачи.

Кога би се намалил отпадот уште на самиот почеток, односно кај неговиот извор, ќе се создава помалку отпад што ги намалува трошоците за негово собирање, транспорт, преработка итн. За овој принцип да постигне што е можно поголем ефект, потребно е да се делува кај самите создавачи на отпад со презентирање на неколку насоки: да се користи што помалку суровинa за добивање на одреден производ и за неговата амбалажа, производот или амбалажата да имаат можност да бидат повторно употребени откако ќе заврши примарната употреба, производот да има “долга употребна вредност“.

Друга опција е и превенцијата преку законска регулатива, кај нас добар пример е оној со забраната за уптореба на пластични ќеси од 1 декември. Со ова, веќе нема да се произведуваат пластичните ќеси, а биоразградливте ќе се наплаќаат по 15 денари. Дефинитивно ова е момент за да ги смениме нашите навики и се освестиме за тоа колку отпад создаваме.

Што можам јас лично да направам?

Тоа што ние можеме да го направиме е развивање на неколку здрави навики како: употреба на платнена торба, користење батерии што се полнат, подарување или донирање на облека, поправка на апарати итн.

Реупотребата или пренамената на определени производи го намалува количеството отпад во депонииите и заштедува нови ресурси. На пример, наместо да ја фрлиме конзервата од кафе, може да ја пренамениме во саксија, или кутија за чување пенкала. Има многу примри за вакви „направи сам“ пренамени на интеренет, за кои доколку имаме волја може лесно да се направат.

Рециклирањето е на трето место во хиерархијата на управувањето со отпад и е актуелно решение имајќи во предвид дека има се помалку природни ресурси, а нивната употреба и примена е се’ поголема. Затоа мора да бидеме одговорни кон искористувањето на ресурсите и нивно рационално користење.

Во нашата земја само 1% од собраниот отпад се рециклира, останатиот завршува на депонија. За повисок процент на рециклирање потребен е функционален систем на примарна или секундарна селекција.

Гоу Грин и Европската недела за намалување на отпад

Гоу Грин и Европската недела за намалување на отпад

Со “Гоу Грин Скопје“ ја обележавме Европската недела за намалување на отпад (20-28 ноември) со организирање серија на настани и работилници со иновативен еко-караван кој вклучува мобилна станица за селектирање отпад. Во три основни училишта во општина Аеродром учевме што е разлика меѓу селекција и рециклирање, што се селектира и како правилно треба да селектираме. На 21.11 го организиравме првото соларно кино за кое влезница требаше да се „плати“ со селектиран отпад. Следно, караванот продолжува во Битола и Гостивар каде младите ќе може практично да се стекнат со знаење и да се мотивираат да бидат еко-свесни граѓани.

За крај, подигањето на јавната свест е неизоставен дел за зголемување на процентот на собран и рециклиран отпад, а со тоа и до почиста и поздрава животна средина. За таа цел неопходно е учеството на граѓаните индивидуално да придонесуваат и да се однесуваат одговорно со отпадот кои самите го генерираат.

Ако сметате дека сами нема да промените ништо и дека количината на отпад што сте ја селектирале е малку, имајте во предвид дека тоа е количината која не сте дозволиле да заврши на депонија.