Шведска ќе употребува гаврани за собирање отпушоци од улиците

Гаврани ќе собираат фрлени отпушоци од улиците и плоштадите на шведскиот град Содертале, во близина на Стокхолм, во акција за намалување на трошоците за комуналните услуги.

Овие птици треба да ја вршат задачата така што ќе добиваат малку храна за секој донесен отпушок во специјални машини дизајнирани од старт-ап компанијата „Корвид Клининг“.

„Тие се диви птици кои во ова учествуваат доброволно“, објаснува Кристијан Гунтер-Хансен, основачот на компанијата.

Според активистите на улиците во Шведска секоја година се фрлаат повеќе од 1 милијарда отпушоци од цигари, што претставува 62% од уличното ѓубре. Содертал троши скоро 20 милиони евра годишно за чистење на улиците.

Според Гунтер-Хансен, со овој метод може да се заштедат најмалку 75% од трошоците за собирање на ѓубрето од цигарите во градот.

Во моментов градот го тестира проектот пред овој метод да биде имплементиран низ целиот град.

Според истражувањата новокаледониските врани имаат добро разбирање, на ниво на седумгодишно дете, што ги прави најпаметните птици за оваа задача.

„Тие се лесни за да се извежбаат и исто така постои голема шанса да учат едни од други. Истовремено, постои помал ризик тие по грешка да изедат нешто од ѓубрето“, посочува Гунтер-Хансен.