[Галерија] „Златен бензин – само небото е граница за цените“ – уметничка акција за високата цена на горивото

Центарот за современи уметности (ЦСУ)  спроведе уметничка акција со која се најавуваат низа акции посветени на енормните поскапувања на продуктите и енергенсите и намалувањето на животниот стандард на граѓаните.

Оттаму објаснуваат дека уметничката акција е насловена „Златен бензин – само небото е граница за цените“, а има за цел да ги потсети надлежните дека со укинувањето на мерките за намалување на цените на горивата македонските граѓани мака мачат да ги извршуваат секојдневните обврски, а околу 100.000 граѓани се директно зависни од цената на горивата.

„Цените на бензините и нафтените деривати се вивнаа во небо, како се одвиваат работите ќе се увериме во синтагмата дека само небото е граница ‘only sky is a limit’. Последните неколку недели граѓаните на Македонија но и пошироко плаќаат за еден резервоар повеќе отколку што на берзите чини еден грам злато – околу 3600 ден наспроти 4-5000 денари колку што чини еден резервоар гориво. Всушност многумина се прашуваат дали во резервоарите точиме виски, парфем или гориво бидејќи литар гориво последниве недели е поскапо од литар вино и скоро дупло поскапо од литар боза, пиво или овошен сок“, објаснуваат организаторите.

Тие се надеваат дека преку ваквите акции, уметниците заедно со синдикатите и работиниците ќе влијаат на Владата за таа да ги заузда цените кои одат кон небесата и да обезбеди ако не развој, барем преживување за граѓаните.