[Галерија] Водна станица на Скопскиот маратон праќа порака за солидарност кон бегалците

Веќе осма година по ред во рамки на скопскиот маратон, се одржува иницијативата „Трчај за бегалците“ во организација на Агенцијата на ОН за бегалци – УНХЦР.  Во Аеродром, водната станица на  „Трета македонска бригада“ беше исполнета со дваесеттина волонтери „за подобар свет“, кои организирано делеа шишиња вода на учесниците на маратонот, ширејќи пораки за прифаќањето на бегалците. На иницијативата на УНХЦР втора година по ред се придружува и Младинскиот образовен форум (МОФ).

Една од волонтерите е и Илина Џартовска, која носејќи маичка „Трчај за бегалците“, смета дека е важно младите луѓе да ја покажат својата желба за општествен придонес.

Волонтерите на водна станица

„Јас волонтирам денес затоа што сакам да ги поддржам бегалците. Да покажеме дека не се сами и секогаш ќе имаат поддршка од нас младите“, вели младата волонтерка.

Со денс траките на диџејот Горан Костовски – Индог и музичкиот настап на акустичното дуо „J&S Acoustic“, составено од вокалистката Јана Мирчевска и гитаристот Стефан Трајковски, водната станица во Аеродром не само што ги освежи, туку и ги разоноди маратонците, посетителите и случајните минувачи.

Извршната директорка на МОФ, Теодора Столевска, посочува дека МОФ веќе втора година по ред заедно со УНХЦР учествува во организирање на водната станица во рамки на Скопскиот маратон, со цел да се зголеми јавната свест за бегалците и нивната состојба.

„Ваквите волонтерски акции се значајни за поттикнување на активизмот и ширење на пораката за солидарност за бегалците меѓу младите“, вели таа за Радио МОФ.

Љубинка Брашнарска од УНХЦР Скопје испрати благодарност кон сите волонтери кои денеска го посветија денот на помагање на тркачите и изразување поддршка и солидарност со бегалците.

„Сите волонтери покажаа дека активно го создаваат општеството во кое сакаат да живеат, а тоа е општество на вклучување, поддршка и разбирање за сите луѓе“, посочи таа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

Ивана Смилевска