[Галерија] „Немаме вишок деца за газење“, порачаа граѓаните на протестот во Ѓорче Петров

Граѓани од скопската населба Ѓорче Петров и вечерва излегоа на протест откако вчера дете беше тешко повредено во сообраќајна незгода на улицата „Борис Сарафов“.

„Немаме вишок деца за газење“, „Вози, не летај“, „#ЗаСитеДеца“ и „Внимавај како возиш, можеби твоето дете поминува улица“ беа само некои од пораките кои граѓаните ги испратија до надлежните.

Од Клиниката за неврохирургија претходно соопштија дека детето е во стабилна состојба, со скршеница на главата, крварење во мозокот и повреда на рамото и дека било задржано на опсервација.

Според МВР, сообраќајната несреќа се случила синоќа околу 19 часот, кога возило „Опел астра“ со скопски регистарски таблички удрило во детето.

По несреќата, револтирани жители на населбата вчера ја блокираа улицата во знак на протест, барајќи светлосна сигнализација и „лежечки полицајци“. Денеска од Општина Ѓорче Петров најавија дека во координација со Град Скопје во иднина ќе постават семафор на улицата „Борис Сарафов“.

Пред помалку од еден месец на истата улица беше прегазено уште едно десетгодишно дете.

Повеќе фотографии од денешниот протест погледнете во продолжение.