Општина Ѓорче Петров во иднина ќе постави семафор на критичната улица

Општина Ѓорче Петров во координација со Град Скопје во иднина ќе постави семафор на улицата „Борис Сарафов“, се вели во официјалното соопштение од општината, по вчерашната сообраќајна незгода во која настрада 10-годишно дете настрада – втор случај за две недели.

„Со ваквата постапка очекуваме целосно да се реши проблемот со сообраќајот, брзото возење и непочитување на пешаците кои минуваат на пешачкиот премин кај училиштето „Мирче Ацев’“, стои во соопштението.

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, денеска во изјава за медиумите вети дека дотека е тој градоначалник никогаш повеќе нема да се случи таков инцидент на тоа место.

„Како градоначалник, жител на општината и родител изразувам големо жалење за незгодата при што повредено е дете кое е наш сограѓанин. Посакувам што побрзо да закрепне и се надевам дека по решавање на сообраќајниот проблем, никогаш повеќе во мојата општина, на тоа место, нема да се повтори ваков немил настан, кој за жал се повторува. Во повеќе наврати, заедно со релевантните засегнати страни, но и невладини организации кои работат на проблематиката, како општина инициравме средби на оваа тема, а дебатиравме за можни решенија токму пред неколку дена во мојот Кабинет“, изјави Наумоски.

Повика на свесност и совесност кај возачите кои сообраќаат по таа улица, на која, поради училиштето, претежно се движат деца.

Родителите на учениците од ООУ„ Мирче Ацев“ како и околните жители, подолг период апелираат за поставување на светлосна сигнализација, бидејќи претходно беа полесно повредени уште неколку деца во сообраќајни несреќи на истата улица.

Граѓани и за денес најавуваат протест во 18 часот кај училиштето.