Францускиот „Спајдермен“ протестираше против ковид пропусниците

Францускиот „Спајдермен“, Алан Робер, вчера се искачуваше на кулата во комерцијалниот кварт „Ла Дефенс“ во предградието на Париз во протест поради здравствените пропусници за Ковид-19.

60-годишниот Робер бил уапсен по околу еден час слободно искачување и бил ставен во притвор поради „загрозување на сигурноста на граѓаните“. Ова беше 11-ти обид да се искачи на 187-метарската кула.

Иако, вообичаено, овие потфати ги изведува сам, Робер вчера бил придружуван од три други млади алпинисти на возраст од 21, 28 и 33 години, кои велат дека тоа го направиле од чест кон легендата во оваа дисциплина.

„Ова е искачување против здравствените пропусници, кои им сметаат на сите. Тоа е напад на основните слободи, овие пропусници се срам“, вели Робер, пренесе Еуроњуз.

Ковид-пропусниците се документ со кој се докажува дали лицето е вакцинирано, има негативен тест на Ковид-19 или пак ја неодамна ја прележал болеста. Пропусницата е неопходна за влез во рестораните, музеите, транспортот на долги растојанија како и за присуство на масовни настани.

Алан Робер стана светски познат поради тоа што се има искачено на повеќе од стотина облакодери и други урбани стоменици со своите голи раце, вообичаено без никакво осигурување и без дозвола.

Во март 2020, тој се искачи на врвот на Кулата Агбар во Барселона во протест поради „стравот предизвикан од Ковид-19“.