Франција ги предупредува луѓето да бидат внимателни со понудите за „Црниот петок“

Француската влада започна кампања со која ги охрабрува луѓето да не купуваат нова облека за време на акциите на „Црниот петок“, пренесува Би-Би-Си. Зад кампањата стои министерот за еколошка транзиција, одговорен за промовирање одржливост Кристоф Бечу.

Рекламата од кампањата покажува човек кој бара совет во продавница пред продавачот да му каже да не купува ништо, да и помогне на планетата и да заштеди пари.

Но, ваквата порака беше критикувана од други владини ресори. На пример, министерот за финансии Бруно Ле Мер ја нарече кампањата „лошо замислена“ и рече дека тоа ќе им наштети на „чесните бизниси“.

Одделот на Ле Мер се обидува да се справи со порастот на невработеноста и кризата со трошоците за живот, а се смета дека сезонската продажба ќе врати повеќе пари во економијата.

„Црниот петок“ е еден од најголемите шопинг денови во годината во многу европски земји, а за тоа време трговците нудат значителни попусти и промоции.

Во четвртокот Бечу призна дека пораката можеби е насочена кон погрешни бизниси, изјавувајќи дека „требаше да ги таргетираме платформите за онлајн продажба наместо физичките бизниси со истата порака“. Но, истакна дека огласите сепак нема да бидат повлечени.