ФПСМ: Забраната за движење во шуми е избрзана, неоправдана и нерационална

Федерацијата за планинарство на Северна Македонија (ФПСМ) упати јавни критики за мерката што стартуваше денеска, а со која се забранува движење на шумите во периодот од 6 до 20 часот, поради нивна заштита од пожари.

Оттаму велат дека се крајно изненадени и разочарани од, како што велат, оваа „избрзана, необмислена и нерационална одлука целосно да се забрани движењето на граѓаните во природа и во шумите кои се национално богатство и им припаѓаат на сите граѓани“.

Објаснуваат дека не држи вода причината за затворањето на шумите бидејќи месеците април и мај се највлажните месеци во годината, а на повеќето планини сеуште има снег.

„Планинарите, како заљубеници во природара, шумите и планините се први кои се грижат и ги чуваат овие природни убавини и богатства. Од таму, вашата одлука да се забрани секакво движење во природа од наведените причини е: Прво, избрзана, неоправдана и нерационална не само од аспект на причините што Вие ги наведувате,туку и од здравствен аспект, поготово во услови во кои нашата земја и целиот свет се наоѓа.
Второ, го суспендира основното човеково право на слободно движење и уживање на својата сопственост.
Трето, ваква одлука е без преседан и досега не е спроведена во ниедна земја во светот“, стои во отворената реакција“, стои во реакцијата.

Се надеват дека надлежните ќе ја преиспитаат одлука за „добробит на сите граѓани, сите планинари, сите заљубеници на природата и особено во полза на нашето национално богатство и природни убавини.“

Во реакцијата уште додаваат и дека ФПСМ и Клубовите-членки, стриктно ги подржуваат и практицираат мерките на Владата и Министерството за здравство, за индивидуална и колективна заштита од КОВИД 19, а доказ за тоа е што досега нема пријавено ниедно прекршување на овие препораки ниту од Клуб ниту од поединец-планинар.

Петиција против новата мерка за забрана за движење низ шума