Петиција против новата мерка за забрана за движење низ шума

Петиција со која се бара преиспитување на забраната за движење, секој ден од 6 до 20 часот почна да се шири на социјалните мрежи. Мерката вчера ја соопштија Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а ја правдаат со „зголемената опасност од појава на пожари на отворен простор“.

Во петицијата се забележува дека мерката е донесена без никакво излагање и реална основа, како и дека има бројни неодговорени прашања.

„Каква е таа одлука и спроведување на истата преку ноќ без никакво излагање? Какви се овие забрани и ограничување на движење, основно човечко право без никаква реална основа? Природата е со влага, и април е месец кој беше проследен со обилни врнежи на дожд и снег – каква е таа опасност од пожари? Дали реално постои друга причина за забраната? Свесни сте дека ова е дополнителен притисок и ограничување кои ни ги нанесувате и ги предизвикувате. За која цел е реално донесена оваа забрана? Во државата оперираат планинарски друштва и клубови некои од кои егзистираат од планинарски тури. Дали некој ја предвидел нивната загуба? До кога оваа мерка би била на сила, дали некој размислува за тоа дека секое попладне и викенди илјадници жители се во природа?“, се дел од прашањата упатени до надлежните, министерот за земјоделство водостопанство и шумарство Трајан Димковски и директорот на ЈП „Национални шуми“, Зоран Ѓорѓиев.

Во петицијата се наведува дека ако мерката не се преиначи, револтот ќе расте.

„Ако вие не сте љубители на планината и природата, има луѓе кои дишат во еден здив со неа. Револтот е огромен, и доколку не ја рагледате можноста за измена на одлуката и преиначување на истата со цел рекреативци и љубители на природата да можат слободно да циркулираат по шумите и во природа, ќе се организираме и ќе ја покренеме јавноста“, се додава во петицијата.

Во првите 10 часа откако беше покрената синоќа, се потпишани над 1000 лица.

Инаку, мерката предвидува забрана за движење во шума и на шумско земјиште, која започнува да важи од денеска (17 април) и ќе трае се до нејзино отповикување.

Се забранува движење во шума, од 6 до 20 часот